МАЈКИ ВНИМАВАЈТЕ: Се повлекува од употреба млекото за доенчиња „Новалак 1“

Млекото за доенчиња „Новалак 1“ (Novalac 1) од 400 грама, серија 9903524, со рок на употреба до 24 септември 2019 година на производителот „Меди-Европа СА“ (UP Medi-Europa SA) со потекло од Франција, превентивно се повлекува од продажба.

Причина за повлекувањето е евентуално присуство на несоодветна содржина на естер на масни киселини (3-MCDP, глицидил естер), утврден во анализата, соопштија денеска од компанијата „Медис ДОО“ во Скопје, која е дистрибутер на производот.

За да се избегнат какви било можни негативни последици врз здравјето, од компанијата советуваат купувачите да не го употребуваат конкретниот производ од наведената серија и со посочениот рок на траење. Купувачите можат да го вратат производот од оваа производна серија во аптека и ќе им бидат вратени паричните средства.

Купувачите може да добијат дополнителни информации на info@novalac.mk, како и на телефонските броеви 00389 22603604 и 00389 786 42 772.