На високи температури, бактериите во храната брзо се развиваат - граѓаните не ризикуваат да купуваат месо, млеко и јајца од пазарите

На високи температури, бактериите во храната брзо се развиваат, а први на удар се месото, млечните производи и јајцата.

Затоа нутриционистите препорачуваат во текот на летото да не се купува храна од пазарите, туку исклучиво од лиценцирани и климатизирани продавници за храна, каде што се чува според пропишаните стандарди. Исто така, задолжително треба и да се чита декларацијата и да се почитува рокот на употреба на храната.

Особено треба да се внимава со месото и летно време да се избегнува подготовка на скара, а доколку се купува да се купува од маркети и да се внимава на неговите надворешни својства, боја, мирис…

Што се однесува до јајцата преку тенката лушпа на јајцето, бактериите лесно продираат, затоа во лето треба да се купуваат само од продавници и да се проверува датумот кој се наоѓа на амбалажата. Млечните производи исто така можат да бидат опасни доколку стојат надвор од фрижидерот, дури и кога не се отворени. Покрај тоа, отвореното млеко или павлаката остануваат свежи само неколку дена за време на летото, додека за време на зимскиот период можат да издржат повеќе. Киселиот вкус е сигурен доказ дека нешто не е добро со млечните производи.

И во маркетите потврдуваат дека во текот летото имаат зачестени поплаки од купувачите на млечните производи, посебно на киселото млеко и павлаката кои се расипуваат и пред нивниот рок на траење.

– Многу често ми се случуваше киселото млеко и павлаката да ми се расипат во фрижидер пред истекот на рокот на употреба. Затоа во лето не гледам на цената туку купувам само од проверени производители во кој сум сигурна дека нема да се расипат, вели една купувачка во супермаркет.

И на зелените пазари состојбата е алармантна во месарниците и продавниците за млечни производи фреквенцијата на купувачи е видно намалена. Продавачите велат дека прометот им е многу опаднат. Летно време помалку се купува и јајца. Една продавачка на тезга на Зелен пазар вели дека и покрај тоа што јајцата и се секогаш тазе бидејќи набавува помали количини, не се трошат.

– Имам ладилник, а рокот на траење на јацата е 30 дена и строго се придржувам до тој рок, но проментот е многу опаднат. Од една страна поради топото време, а и поради одморите, вели таа.

И другите купувачи кои ги сретнавме на Зелениот пазар велат дека најчесто месо и јајца купуваат од големите маркети бидејќи се посигурни, додека пак што се однесува до млечните производи поголем дел од пазарџиите рекоа дека нив ретко ги консумираат во лето.

– Месо најчето купувам од маркет, ги избегнувам месарниците, а кисело млеко и јогур воопшто не купувам поради тоа што мириса на прашак и хемикалии, вели Јагода Николиќ од Скопје.
Чичко Перо од Скопје вели дека јајца секогаш купува од маркет и секогаш го гледа рокот на употреба, а млечни производи многу ретко купува.

– Кога одам во месарница прво го гледам однадвор дали е тазе. Обично имам искуство и знам кое е тазе па ретко ми се случува да згрешам. Најчето месо купувам од маркетите, бидејќи во месарниците ми се понебезбедни, вели Перо.

Некои од купувачите поради топлото време избегнуваат да консумираат месо, велат дека летно време повеќе сакаат пипер и домати и овошје. Таков е случајот и со Трајанка која вели дека избегнува да купува и да готви со месо летно време.

– Доколку купувам летно време најчесто купувам по малку месо и млечни производи и гледам да се потрошат за неколку дена, бидејќи ми е страв поради високите температури. Што се однесува до јајца најчесто купувам од маркети, а поретко од пазар, вели Трајанка.

Нутриционистите препорачуваат и засилени превентивните мерки, како темелно миење на рацете пред подготовка и пред консумација на храна, свежо подготвена храна, да не се консумира сурова или недоволно термички преработена храна, посебно месо и преработки од месо, непастеризирано млеко, млечни производи и јајца.