Локалитетот Скупи ќе прерасне во голема туристичка атракција (фото)

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, министерот за култура, Елизабета Канческа – Милевска и градоначалникот на општината Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска го посетија археолошкиот локалитет Скупи, каде што почнаа работите за реставрација на амфитеатарот и придружните објекти.

- Археолошките истражувања на театарот во локалитетот Скупи, на гледалиштето и на сценската зграда, коишто се спроведуваа во текот на изминатите три години, се целосно завршени. Денеска имавме можност да погледнеме дел од предметите пронајдени во фазата на истражувањата. Имено, во изминатите три години на овој локалитет се пронајдени околу 8.500 вредни артефакти од различни периоди – античкиот, римскиот, средновековието... Во наредниот период продолжуваме со работите за конзервација и реставрација на сценската зграда и на гледалиштето. Очекуваме дека во 2017 година овој значаен локалитет ќе биде ставен во функција – рече министерката Канческа-Милевска.

Градоначалникот Коце Трајановски нагласи дека локалитетот Скупи наскоро ќе прерасне во голема туристичка атракција.

- Градот Скопје веќе го донесе и регулацискиот план за овој дел. Со завршувањето на работите за конзервација и реставрација на античкиот театар во локалитетот Скупи пред посетителите ќе се отвори најголемиот театар од ваков тип во нашава земја, со капацитет од околу 9.000 места – нагласи денеска градоначалникот Трајановски.