Лесно ти е на тебе!

Мојот живот беше тежок, полн со загуби, борби, болка и осаменост. Повеќето ноќи во младоста ги поминав плачејќи. Патев од анксиозност, несоница и сите можни пореметувувања на сонот, имав проблеми со килограмите, самодовербата и уште многу други физички и психички проблеми.

Мојот живот беше сѐ само не лесен. Не го завршив Правниот факултет, со години се борев да преживеам на крајот на месецот бидејќи немав пари. Многу често требаше да бирам дали тој ден ќе јадам или ќе одам на интервјуа за работа со екстремно ниска плата. Изборот беше дека или ќе јадам и нема да одам да барам работа или ќе останам гладна за да можам со автобус да стигнам на интервјуто. Никогаш не сум крадела храна, но ми се случуваше да се возам во автобус без да платам карта. Времињата воопшто не беа лесни. Имаше години кога работев и по две работи за да преживеам. Кога ќе помислам на тие времиња, имам чувство дека сето тоа беше нечиј друг живот. Или дека тоа се случило некогаш одамна.

И иако денес чувствувам огромна благодарност за својот живот, понекогаш чувствувам и тага, поради тоа што немам со кого да ја споделам тешко стекнатата радост, слобода и удобност. Често се чувствувам како дете кое конечно добило втора шанса во животот, но сега некако не му преостанува ништо освен да си игра само.

Луѓето често ми велат како мене ми било многу лесно во животот.

„Лесно ти е тебе, работата ти е многу флексибилна.“
„Лесно ти е тебе, ти го сакаш тоа што го работиш.“
„Лесно ти е тебе, твојата работа не е толку стресна како мојата.“

„Лесно ти е тебе, немаш шеф.“

„Лесно ти е тебе, можеш да патуваш.“

„Лено ти е тебе, имаш многу слободно време.“

„Лесно ти е тебе, постојано си некаде надвор, во природа.“

„Лесно ти е тебе, можеш да си го дозволиш тоа.“

„Лесно ти е тебе, цело време запознаваш нови луѓе.“

„Лесно ти е тебе, ти си храбра.“

„Лесно ти е тебе, ти си слаба и имаш добра кондиција.“

„Лесно ти е тебе, немаш деца.“

„Лесно ти е тебе, немаш многу обврски.“

Ве уверувам дека ако добивав денар за секојпат кога некој ќе ми кажеше колку ми е лесно во животот, досега ќе бев милионерка. Со оглед на тоа дека се уморив од чувството на вина за животот во кој денес уживам, а за кој навистина се борев, мислам дека луѓето треба да ги прочитаат овие зборови.

Твојот живот – со сѐ и сешто во него – бил и сѐ уште е ТВОЈ ИЗБОР.

Јас можев да изберам да останам со дечкото алкохоличар кој ме малтретираше кога имав 20 години. Одлучив да не останам со него.

Јас можев да го завршам Правниот факултет. Одлучив да не го завршам.

Можев да одлучам да останам заглавена во нископлатените работни места кои не ме правеа среќна. Не го направив тоа.

Можев одамна да се венчам и да имам деца. Одлучив да не го направам тоа.

Можев да одберам постабилна и посигурна работа. Одлучив да не го направам тоа.

Животот е полн со избори.

Пред некому да кажете: „Лесно ти е тебе...“, имајте на ум дека најверојатно не ја знаете целосната слика за нивниот живот.

Престанете да ги осудувате луѓето кои уживаат во животот и наместо тоа, вложете ја својата енергија во пронаоѓање начини кои би можеле да ви донесат повеќе радост во вашиот живот.

Сетете се дека вие сте си одговорни за своите животни одлуки, за тоа како се чувствувате, што правите и што имате во вашиот живот.