Корчагинци донираа - Чиста, искрена љубов и емпатија какви што може само дете да почувствува за дете

Предновогодишните празници секогаш се убав повод да се сподели добрина. Еден таков пример, токму од најмладите, доаѓа од скопското средно училиште „Раде Јовчевски - Корчагин“. 

Средношколците со гест кој ги заслужува сите пофалби!

- Тие вчера беа да ги израдуваат децата од Детска клиника со донираните подароци, облечени во костумите од „Сказноприказна" со која израдуваа многу дечиња... По средбата, кога се вратија назад во Корчагин, од нивните изрази на лицето можеше да се види она што му недостасува на светот, а тоа се чиста, искрена љубов и емпатија какви што може само дете да почувствува за дете. Се вратија со тажни лица, но позрели, созреани за кусо, но драгоцено време, кое ги научи дека ништо не е поважно и посериозно од нивното здравје, сподели професорката Татјана Алексиќ која е децидна во пораката и мисијата дека за емпатија се учи од најрана возраст преку примери.

И годинава за да се проследи корчагинската волшебна „Сказноприказна“, наместо купени билети присутните донираа подароци за Детска клиника, Деца со посебни потреби и СОС „Детско село" Скопје.