Која е суштината на постот? – Помодарство или пак вистинска вера

Не треба да се пости заради диета, за да се олеснам, да ми биде убаво... Постот мора да биде духовен тренинг или духовен подвиг.

Не треба тоа да биде само лишување од некаков вид храна, туку мора да биде придружен и од духовен пост. Треба да се молиме, да одиме на богослужба...

Во тек е  божикниот пост. Тој му претходи на празникот Рождество Христово, трае околу 40 дена и се нарекува и Филипов пост бидејќи почнува по 27 ноември – денот на споменот на апостол Филип.

Од Скопската епархија велат дека не само возрасните, туку сѐ почесто и помладите се приклучуваат кон постите пред големите христијански празници.

Тенденцијата на постење меѓу младите се зголемува секоја година. Главно се фокусирани на божикните и на велигденските пости. Некои постат само првата и последната недела, некои целиот пост, но зависи од благословот што ќе го земат и можностите што гиимаат. Сепак, најдобро е да го испостат целиот пост – велат свештените лица.

Постот не смее да биде диета и да се пости заради диета или заради одредено телесно здравје.

Постот не може да го почне кој како сака и кога сака. Пост се почнува со благослов од свештеник.

– За почеток на постот ни е потребен благослов од духовен отец или, во превод, матичен лекар за душата. Ќе си побараме благослов за постот и на кој начин да постиме. Не можеме сами да си одредуваме како ќе постиме затоа што црквата пропишува начин како се пости постот. Обично божикниот и петровденскиот пост се постат исто, а велигденскиот и богородичниот се постат исто. Тие имаат различни начини како се пости. Доколку не можеме да се придржуваме до тоа правило, или постење по правило, си бараме благослов од свештеник, кој ќе ни благослови како може да постиме во согласност со нашата психофизичка состојба, објаснуваа свештениците. 

Бремените жени, во зависност од силите што ги имаат, решаваат дали ќе постат или не. Во случај да не може да постат, може да има разрешување од пост. Доколку сакаат да постат, може да побараат специфичен благослов за постот. Истото се однесува и на физичките работници, луѓето во рудниците, градежниците. Тие не можат строго да постат, но одат, бараат благослов, ја кажуваат својата состојба, што работат, или боледуваат од нешто, по што со благослов може да консумираат и млеко за време на постот. Но тоа не можеме сами да си го дозволиме.

Во времето на постот се избегнуваат месото, путерот, млекото, јајцата, сирењето. Во среда и во петок во божикниот пост не се јаде риба, вино и масло и дозволено е само примање храна без масло. Во другите денови – понеделник, вторник, четврток, сабота и недела разрешена е храна со растително масло. Рибата за време на божикниот пост се јаде во саботните и во неделните денови, како и на големите празници.