Денеска е Бадник, празникот-предвесник на Христовото раѓање

Православните христијани денеска го слават Бадник, денот пред раѓањето на Исус Христос. Традиционално, се веста за Христовото раѓање се дочекува на скромна трпеза, во кругот на семејството. Храната е секогаш посна. 

Во најголемиот дел од Македонија се подготвува и традиционалното лепче со паричка, иако многумина се  „против“ оваа традиција, бидејќи пита со паричка се прави за Василица. 

Македонците со голема почит ги одбележуваат овие големи празници, кога секој треба да го заборави лошото и да ѝ даде можност на добрината да ги усреќи луѓето. Дури и најнесреќните и најбедните треба да стават насмевка на своите лица. Барем за момент, секој треба да научи да простува и да го отвори своето срце за другите.

За Бадник не се оди на гости, туку се празнува дома, со своите најблиски. 

Обичаите се разликуваат од едно место до друго, што може да се случи дури и во соседни градови, приградски делови или села, кои се географски блиску, да се негуваат сосема различни обичаи. 

Сепак, суштината на овој празник не се обичаите, туку блискоста со семејството, Исусовото раѓање, чистата душа, среќата и благосостојбата.