Кои се добрите, а кои лошите страни на летувањето во Калитеа и Афитос?

Калитеа и Афитос се едни од најпопуларните места на првиот крак во соседна Грција за летување на Македонците. Туристичкиот водич Спасе Манев ги сподели добрите и лошите стани на овие локации. 

-Овие две места се едни од најдобрите на првиот крак. Тоа што Афитос го прави добар е самото село, кое се наоѓа на високо и наликува на монденско место. Тоа што Калитеа ја прави добра е ноќниот живот и плажите. Според мене, а верувам дека и според многумина, плажите во Калитеа се едни од најубавите на првиот крак. Ноќниот живот во Калитеа е богат со неколку дискотеки и кафичи, кои вреди да се посетат, споделува тој. 

Но, местата имаат и негативни страни. 

- И двете места имаат заедничка негативна страна, а тоа е пристапот до плажите. И во двете села има неколку вили и хотели кои се пред плажите, но тие се малку и се премногу скапи (тука плаќате и за тоа да сте пред морето), а 90% од сместувањата се горе на високо, па доколку не сте со автомобил или сакате пешки да одите до плажите, ќе мора да се симнувате по удолници. Во Калитеа има и скалички под сенка по кои можете да се спуштите до морето, а има и удолници, по кои можете да се спуштите пешки или со кола и да се паркирате долу. Но, во Афитос удолниците се многу стрмни и не е препорачливо да одите пешки до плажите.Но, доколку имате авантуристички дух и сакате да шетате со кола по целиот крак, негативните страни не би ви биле пречка, вели тој.