Ќебапчиња од болни крави откриени во Словенија, засега во Македонија такво месо нема

Сомнително месо од болни крави од Полска е откриено во повеќе држави од регионот и во ЕУ. Од Агенцијата за храна и ветеринарство тврдат дека на македонскиот пазар нема од спорното полско месо од болни крави.

Во Македонија има увоз од Полска, но месото кое е од таму е безбедно за употреба. Лани количината која влегла во земјава е двојно помала за разлика од 2017 година кога од ова земја увозот изнесувал 3.091.606 килограми. Во 2016 година од Полска биле увезени 2.291.600 килограми.

–Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство врши редовни контроли на домашниот пазар со месо, производи и подготовки со месо и на увозот на овој тип производи во земјава. Месото кое се продава на македонскиот пазар е безбедно. Увозот се врши исклучиво од одобрени земји за увоз, од одобрени објекти и задолжително со ветеринарно здравствен сертификат кој ја следи пратката, со кој се гарантира безбедноста. При увоз се врши задолжителна контрола на секоја пратка. Покрај задолжителниот преглед на документацијата, се врши и физички преглед на пратките. Контроли се вршат и при истовар на увезените пратки, велат во Агенцијата.

Од таму објаснуваат дека во рамки на одредени мониторинг програми и при сомнеж, од пратките кои се увезуваат се земаат и мостри за лабораториска анализа. За истите не се дозволува увоз во земјава, односно пратките се ставаат под надзор, се додека не се добијат резултатите од направените лабораториски анализи со кои се потврдува дека пратката е безбедна.

Освен Полска, земјите во кои може да се најде ова месо се Германија, Шпанија, Естонија, Финска, Франција, Унгарија, Литванија, Летонија, Португалија, Романија, Шведска и Словачка, информираа службите на ЕК за безбедност на храната. Мали количини од ова месо во вид на ќебапи завршило и на пазарот во Словенија каде дошло преку Германија.

-Одблиску го следам случајот и побарав од инспекторите во мојот тим да бидат во Полска в понеделник за да ја проценат состојбата на терен. Приоритет е да се пронајдат и повлечат сите производи кои доаѓаат од таа касапница, изјави еврокомесарот за безбедност на храната, Витени Андриукаитис.

Тој ги повика полските власти да спроведат темелна истрага и да ги преземат сите потребни мерки за почитување на правото на ЕУ, вклучително и „ефикасни и брзи казни“ против ова „криминално однесување“ кое претставува ризик за јавното здравство и сведочи за „неприфатлив третман на животните“, додаде комесарот.

Полските власти во петокот ја информираа Европската комисија дека касапницата е затворена и дека се уништуваат производите кои доаѓаат оттаму.

Европската комисија го активира системот на брзо алармирање за прехранбени производи.

Инаку Полска е еден од најголемите извозници на месо во ЕУ. Полска произведува околу 560 илјади тони говедско месо годишно од кое извезува меѓу 80 и 85 отсто.