Карпош доби детална студија за зеленилото на своја територија

На барање на Секторот за екологија и енергетска ефикасност од Општина Карпош, тимот професори од Факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје изработија студија за урбаната дендрофлора во рамките на оваа локална самоуправа. Истражувањето што го спроведоа професорите Бојан Симовски, Иван Минчев и асистентот Владимир Стојановски е изведено како нераскинлив дел од зеленилото во општина Карпош, кое е застапено по градски четврти, а е во согласност со ГУП-от на Град Скопје за периодот 2012 – 2022 година. Ваквиот начин на анализа овозможува реални показатели за квалитетот на живот на карпошани од аспект на застапеното урбано зеленило, кое се наоѓа во нивното непосредно животно опкружување, велат од Општина Карпош.

Според официјалните податоци од Зелениот катастар на Град Скопје, од вкупно евидентираните дрвја во главниот град, 27,8 % (22.362 дрвја) се наоѓаат на територијата на Карпош, а бројот на грмушки на територијата на општината изнесува 7.942 или 17,5 % од вкупниот број грмушки на градско ниво. Во анализата на урбаната дендрофлора на локално ниво се наведува дека зелените површини во општина Карпош не се само естетски додатоци на урбаниот пејзаж, туку тие претставуваат клучни компоненти на локалниот екосистем. Со изработката на оваа студија Општина Карпош добива релевантни податоци и показатели во која насока треба да ја гради долгорочната стратегија за развој на екологијата и одржувањето на здравата животна средина.