Капењето во вештачките езера може да донесе низа опасности- бидете внимателни

Вештачките езера во основа претставуваат поголеми водени површини кои се настанати и контролирани од човечки фактор.

Истите настануваат со преградување, односно блокирање на речните корита најчесто со цел производство на електрична енергија, како и за останати потреби како што е наводнувањето на земјоделските култури.

Нашата земја изобилува со вода, односно со голем хидро потенцијал, па токму затоа можеме да се гордееме со големиот број на прекрасни и живописни вештачки езера. Покрај основната намена заради која се создадени, нивните води се користат и како благодет за време на жешките летни денови. Несомнено е дека водата претставува животна средина која не е природна за човекот, па согласно тоа во истата се кријат опасности кои сериозно можат да му наштетат на нашето здравје и живот.

Иако капењето и рекреирањето на вештачките акумулации за многумина може да бидат интересно и незаборавно, сепак неопходно е претходно познавање на главните опасности кои можат да предизвикаат несакани последици.

1. Информирајте се за квалитетот на водата

Пред да се препуштите на благодетите и задоволствата од разладувањето, задолжително информирајте се за степенот на квалитет на водата. Надлежните институции секогаш располагаат со проверени информации за бактериолошкиот и хемискиот квалитет на водата и истите можат да издадат препораки за начинот на користење на истата.

2. Побарајте организирано и уредено капалиште за капење

И покрај тоа што станува збор за вештачки изградени езерски површини, сепак во некои делови постојат уредени и организирани капалишта наменети за капење и рекреирање. Тоа се крајбрежни појаси кои најчесто се проверени од страна на надлежните служби за безбедност на вода кои волонтерски или професионално ја гарантираат безбедноста при капењето и издаваат соодветни препораки и совети за заштита на капачите и рекреативците. Уредените плажи најчесто можат да се најдат пред поголемите угостителски објекти или урбанизирани зони во близина на водената површина.

3. Карактеристики на дното

Бидете посебно внимателни доколку влегувате во вода, затоа што езерското дно во вештачките езера најчесто е во форма на тиња, односно кал кои можат да предизвикаат непријатно чувство и можност за паника. Без разлика колку се чувствувате сигурни и полни со самодоверба никогаш не влегувајте да пливате сами и не се оддалечувајте премногу од брегот. Исто така препорачливо е одбегнување на деловите од водата во кои е забележлива поголема вегетација, односно алги и треви кои се една од најопасните точки за несигурните пливачи кај кои непријатното чувство многу лесно може да биде заменето со паника и дезориентираност.

4. Провидност на водата и непознати предмети

Провидноста на водата во вештачките акумулации е мала и тоа најчесто во поволни временски услови. Кога има појава на ветар и бран тогаш заради самата карактеристика на теренот провидност не може да се очекува. Избегнувајте капење и пливање во вакви услови затоа што тогаш е најголема опасноста од непознати предмети кои можат сериозно да ве повредат и загрозат. Непознатите предмети не се наоѓаат само во форма на остатоци од дрвја, гранки и камења, туку за жал заради несовесниот однос тие можат да се најдат и во форма на стаклени шишиња, метални остатоци, бетонски блокови, цврст отпад и слично.

5. Езерско струење и променлив водостој

Една од најкритичните т.н. „црни точки“ е непредвидливата длабочина, односно местата во езерата каде длабочината наеднаш се менува. Водостојот, а со тоа и длабочината, во зависност од тековните потреби, се менува различно во различни периоди од годината. Ваквото менување на водостојот, во комбинација со останатите надворешни фактори многу често доведува до појава на надводни, но и подводни езерски струења кои можат да бидат сериозна опасност за сите капачи, особено за несигурните пливачи. Затоа имајте во предвид дека конфигурацијата на местото каде некогаш сте се разладувале не значи дека останала идентична како и претходниот пат.

6. Температура на водата

Избегнувајте капење во студена вода затоа што во овој случај под знак прашање е ставена вашата безбедност во обидот за директен влез и разладување во водата. Температурната разлика помеѓу водата и воздухот води кон неочекуван психички и физички шок на организмот, пореметување на работата на виталните органи, што во најдоброто сценарио резултира со грчење на мускулите, а во најлошото со срцев или мозочен удар.

 

Извор: спасителнавода.мк