Како најчесто изгледаат караниците меѓу родителите кои оставаат последици врз децата?

Секогаш би требало да имате на ум дека вашите деца ве набљудуваат и дека учат од вас!

Начинот на кој се карате со својот партнер (сопруг/а) всушност сте го наследиле гледајќи ги своите родители. На ист начин гледајќи ве вас, вашите деца ги прифаќаат начините на однесување кои ќе ги практикуваат како што растат. Постојат бројни докази кои одат во прилог на тоа дека децата кои пораснале во семејства со висок степен на конфликти меѓу родителите во подоцнежниот живот имаат страшни последици.

На самиот врв се наоѓаат состојби како депресија, анксиозност, како и конфликти со полиција, консумирање алкохол и дрога. Иако караниците во животот и во бракот скоро е невозможно да се избегнат, ако имате деца важно е да се погрижите за тоа тие да не бидат сведоци на вашите несогласувања со партнерот. Иако не сите караници во семејството се штетни за децата, доколку родителите ги решат на конструктивен начин, сепак ви ги откриваме оние стилови на карање кои оставаат најлоши последици врз децата.

Очигледна караница

Оваа категорија опфаќа потенцијални физички повреди и тешка емоционална штета која една личност ја нансува на друга. Обично мајките се тие кои трпат во вакви ситуации, макар што, не се ретки ни спротивни случаи. Овој вид караници вклучува физичко насилство, заканување, туркање, викање, навреди, фрлање и кршење работи низ куќата и заплашување.

Помалку очигледна но добро позната караница

Иако ваквите караници редовно се јавуваат во некои домови, не е добро кога се случуваат пред децата. Тие обично подразбираат забрана за излегување од дома, физичко запирање на партнерот, плачење пред заклучена врата, вулгарни зборови, закани со развод, следење на секој чекор на партнерот со молба за разговор и слично. Личноста која трпи вакво однесување обично се смирува со алкохол или со таблети, а ваквата негативна слика е многу болна за децата што ја гледаат.

Суптилни облици на карање

Оваа врста караници го вклучува првенствено тонот со кој се разговара и изборот на зборови. Тоа може да значи дека една личност во бракот употребува отворен сарказам, избегнува одговорност која се очекува од неа, искажува презир кон партнерот пред децата, вперува прст во партнерот и се однесува дефанзивно. Исто така, не е реткост и другата личност да добие третман со тишина и молчење кога ќе се обиде да разговара со првата или свесно да ја промени темата, давајќи им на знаење дека проблемите „можат“ да се избегнат.  

Подмолен и невербален конфликт

Ваквите конфликти не се нужно штетни, ако не се зачестени. Тие можат да бидат превртување со очите, тешко издишување, одбивање на секаков вид караница и повлекување во текот на разговорот. Исто така, спиењето во различни соби е нешто што децата и тоа како го забележуваат и нешто што им кажува дека нивните родители не се во добри односи.