ЈСП реагира на написот: „Бојкотирајте го ЈСП, од 1 ви февруари билетот чини 75 денари во автобусите“

ЈСП реагира по написот со наслов „Бојкотирајте го ЈСП, од 1 ви февруари билетот чини 75 денари во автобусите“, објавен на порталот ДоазМ на 24.01.2017 година.

Текстот објавен со наведениот наслов од порталот ДоказМ, во кој се наведува дека е преземен од порталот МКД.мк, се наведува следното:

„Од први февруари сегашните електронски билети од 150 денари со пет гратис возења ќе се купуваат по иста цена, но ќе имаат две возења. Ова е новата промена на ЈСП и доаѓа по големата побарувачка на електронските картички, поради тоа што граѓаните по искористувањето на 5те возења ја фрлале картичката место да ја надополнуваат.

Од ЈСП велат дека досега вкупно се издадени околу 155 000 персонализирани и над 180 000 неперсонализирани картички. Тие потврдија дека има голема побарувачка за електронските картички и по три пати во денот се врши достава и се користат сите капацитети за да се одговори на потребите.

„Затоа наместо пет, од 1 февруари ќе има само 2 возења со цел граѓаните да ги користат картичките и понатаму и да не чекаат да платат во автобус или да купат нова картичка, што е неисплатливо и невозможно. ЈСП со целиот свој капацитет работи да ја исполни побарувачката и да одржи континуитет на наплата. Доставата се врши во три смени“, велат од ЈСП“

Во контекст на овој текст, ЈСП СКОПЈЕ остро реагира по однос на наводната изјава дадена од одговорно лице на претпријатието, бидејќи ЈСП СКОПЈЕ воопшто нема дадено изјава на оваа тематика, ниту за МКД.мк, ниту пак за ДоказМ.

ЈСП СКОПЈЕ воопшто нема дадено ваква изјава за ниту еден медум, каде што се наведува дека „заради големата потрошувачка на картичките, неперсонализираните картички со 5 гратис возења од 1 февруари ќе се продаваат со само 2 гратис возења “, а уште помалку дека билетот ќе чини 75 денари.

Повторно ја информираме јавноста дека согласно интегрираниот тарифен систем, донесен со Одлука на Советот на Град Скопје од ноември 2015 година, неперсонализираната картичка се продава за 150 денари со две гратис возења. Само во јануари 2017 година, КАКО ПРОМОТИВЕН ПЕРИОД, овие картички се продаваат со 5 гратис возења.

ЈСП СКОПЈЕ целосно се придржува кон наведената Одлука на Советот на ГРАД СКОПЈЕ, со напомена дека претпријатието не ги креира цените на јавниот превоз во Градот.

Ваквиот начин на известување од страна на наведените портали, го рушат етичкиот кодекс на известувањето, прават штета на работењето на претпријатието и ги ставаат во заблуда граѓаните.

ЈСП СКОПЈЕ нема да ги толерира ваквите тенденциозни вести, кои ја дезинформираат јавноста на штета на претпријатието и пред се на граѓаните кои се корисници на услугите на ЈСП СКОПЈЕ.