И ВО ТЕКОТ НА ОВАА ГОДИНА: Проектот "Купи куќа, купи стан" продолжува

По застојот поради изборите, продолжуваат проектите "Купи куќа, купи стан" и "Купи куќа за млади", преку кои со субвенционирани кредити, претежно младите брачни двојки, полесно доаѓаат до покрив над главата.

Со ребалансот на буџетот, кој е донесен, но се уште не е потврден од претседателкот на државата, Министерството за финансии располага со 29,8 милиони евра, а дел од нив се наменети токму за обезбедување континуитет на овие проекти.

- Со Измените и дополнувањата на Буџетот на Република Македонија обезбедени се средства за продолжување на проектот "Купи куќа, купи стан". Преку овој Проект граѓаните можат да аплицираат за субвенционирани станбени кредити, кои ќе можат да ги користат за изградба или доградба на куќа или за купување нов стан, се вели во образложението на ребалансот.

Инаку, за претходните апликации надлежната комисија имаше застој во изборот поради предвремените парламентарни избори, но потоа, во текот на минатиот месец одобрени се вкупно 69 субвенционирани станбени кредити од ланскиот оглас.

Во Министерството за финансии во моментов има и 18 предмети од тековниот јавен оглас кој трае до крајот на годинава. Кога ќе се решава по нив ќе се знае по консултациите што ќе ги имаат министерството и релеватните институции, со оглед на тоа што локалните избори се распишани. Според податоците на Министерството за финансии, од 2012 година, кога почна проектот "Купи куќа, купи стан#, одобрени се 795 барања за моделот субвенција на ратата и 310 за субвенција на учеството. Според намената, 918 од тие барања биле за купување на нов стан, а 187 за изградба или доградба на куќа.

За субвенциии, во рамки на овие проекти, државата одобрила девет милиони евра, за кредити од вкупно 38,5 милиони евра.

Најголем дел од кредитите се за проектот "Купи куќа, купи стан", вкупно 1.004, додека поновиот проект, кој се надоврза на него, "Купи куќа за млади" има 101 корисник.