„Град во град“ : Станбени згради, игралишта, трговски центри ќе се градат на саем

Мешовит конзорциум ќе стане сопственик на плацот на „Скопски саем“. На површина од околу 80.000 квадратни метри, односно на четири парцели е предвидено да се градат станбени згради, деловни објекти, спортски игралишта, трговски центри, има маркичка за објекти со намена за култура, државни институции, паркови.

На парцелите ќе можат да се градат сите наведени содржини што се планирани во претходните години. Но, во овој случај ќе може да се гради фазно, поточно потенцијалниот инвеститор не е обврзан да ги купи сите четири парцели што се продаваат. Во објавениот оглас не беше наведено по која цена се продава земјиштето. 

Уште во 2008 година беше најавено дека таму ќе има содржини кои на едно место ќе ги обединуваат бизнисот, шопингот и релаксацијата. Инвестицијата ја најави сопственикот на плацот, „Скопски саем“.

Но, кусо време по почнувањето на земјените работи, проектот и официјално беше откажан, наводно, поради светската економска криза.

Во 2013 година, истиот проект, но со друг партнер-инвеститор, повторно беше најавен. Словенечката групација „Ера“ и меѓународната групација „Три гранит“ требаше за 3 до 4 години да го реализираат комплексот „Ера сити“ на површина од околу 16 хектари. Беше најавено дека ќе никне проект проценет на 130 милиони евра. Компаниите-партнери уверуваа дека „Град во град“ ќе содржи три деловни објекти, шопинг-центар, забавен центар, две катни гаражи, хотел и енергетска станица.