Г.г. Стефан: За да опстоиме како Црква и како народ потребно ни е духовно и национално единство

Во писание испратено од поглаварот на Македонската Православна Црква, Г.г. Стефан до верниците се вели дека во време на поделби освен што ни е потребно обединување, исто така потребно ни е духовно и национално единство за да може да опстои Црквата но и народот.

Ви пренесуваме дел од него:

-“ Иако поминаа повеќе од две илјадалетија од овој Божествен настан, нештата во светот не се променети. Така е зашто човечките добродетели, но и човечките слабости, остануваат исти во секоја епоха, а слободата е неотповиклив дар Божји за човекот. И денес гледаме страшни поделби во светот. Изгледа како омразата да царува, а љубовта да згаснува. Се чини дека човештвото никогаш не било толку поделено и спротивставено. Братоубиствените војни леат реки од невина крв, која не е различна од онаа на витлеемските младенци. Поделби гледаме и внатре во Црквата. Православието никогаш не доживеало толкава подвоеност и внатрешно неединство. За жал, поделбите на различни основи не ја одминуваат ниту нашата македонска земја. А духовното и национално единство ни е попотребно од било кога, за да можеме како Црква и како народ да опстоиме и да зачуваме сѐ што е наше – македонско. Па се поставува прашањето: што можеме да направиме тука ние како Црква? Можеме да го направиме токму тоа за што сме повикани – да се обединиме и да се обединуваме, онака како што некогаш се обединија луѓето и ангелите пред Витлеемската пештера. Само така ќе го исполниме Христовиот повик од Гетсиманија: да бидат сите едно. Вакво обединување е можно само со Христа и во Христа, Кој единствен го помири небесното со земното.
Токму во името на мирот и на добрата волја, во средината на 2022 година се збидна и прифаќањето во канонско единство и признавањето на автокефалниот статус на нашата Света Црква, со што таа повторно беше вброена помеѓу помесните Православни Цркви. Таа подадена рака во името на љубовта, даде можност да се надмине повеќегодишната поделба на православните христијани во нашата Македонска Црква, да си простиме и меѓусебно да се измириме, та, еве, сега повторно заедно да му се радуваме на овогодишниов Божик“.
Па, само луѓе и народи во кои и помеѓу кои е присутен Христовиот мир, имаат добра волја, и го бранат и го чуваат мирот и со Бога, и во себе и со сите околу себе!
Амин!

 ХРИСТОС СЕ РОДИ!
Честито и од Бога благословено Новото 2024-то лето Господово!“.