Герасимовски: Инспекцијата спречи незаконско градење на Водно

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски постапувајќи по пријава од граѓани заедно со инспектори од Секторот за инспекциски работи денеска излезе на терен, на Водно каде се забележани нелегални градежни дејствија. Станува збор за четири парцели во приватна сопственост, кои се надвор од Деталниот урбанистички план и од Генералниот урбанистички план и се водат како земјоделско земјиште, односно лозја.

- На оваа локација не е предвидена никаква градба затоа веднаш е донесено решение за стопирање на градежните активности, а сопственикот е повикан во општина каде ќе бидат утврдени следните чекори. Им се заблагодарувам и на жителите за пријавата по која веднаш постапивме. Нема да дозволиме непочитување на законите и уништување на зеленилото заради нечие самоволие, рече Герасимовски на Водно.

Тој повторно ги потсети сопствениците на парцелите на Водно да не ги прекршуваат законите. Градоначалникот на Центар порача дека онаму каде не е предвидено не смее да се гради и оти Водно останува на граѓаните.