„ДромФест“ во Аеродром: Денски детска програма, вечерва бесплатна комедија

Втор ден од културно-забавна манифестација „ДромФест“ во најголемата скопска општина - Аеродром. 

Настаните се одржуваат на платото зад Капитол мол, во Капитол мол и зад ТЦ „Бисер“. 

Денеска, периодот од 12:00 до 14:00 часот е резервиран за детска програма во Капитол мол каде што ќе настапуваат жонглери и акробати од „Фазбабл“ како и Кирил Трајковски Максим со пантомима шоу.

Вечерта од 20:00 часот на третиот кат од Капитол мол ќе се одржи претставата „Пациенти“ на театар Провокација.

 Во недела малите виртуози, од „Школа за гитара Бојкоски“, ќе приредат незаборавно музичко патување низ класиката, џезот, забавната, рок и народната музика од 16:00 до 17:30 часот во Капитол мол.

 Во сабота и недела во периодот од 10:00 до 20:00 часот зад ТЦ „Бисер“ ќе има базар на ракотворби на кој ќе бидат изложени филигран, слики од срма, врамени везови со македонски фолклор, рачно работени кукли, рачно работен накит, плетени додатоци за облека, новогодишни рачно работени украси. 

Целиот настан ќе биде заокружен со поетското читање „СТИХОДРОМ: врзете се поетуваме!“ што „Скопскиот поетски фестивал“ го организира во соработка со „Дром Фест ‒ КултурДром во вашиот дом“, на кој од 18:00 часот во Капитол мол ќе настапат дванаесет поети од општина Аеродром поддржани со диџеј сет на Кристијан Јордановски.  

Главен покровител и поддржувач на настанот е Општина Аеродром.