Доктор Веселинов: Македонија има 257 невработени доктори по медицина, а се соочува со недостаток на медицински персонал!

Младиот дипломиран доктор Александар Веселинов со поразителни аругменти за земјава. 

Тој во објава на својот фејсбук профил нотира дека нешто ептен смрди во системот. Има невработени доктори, незадоволни и исфрустрирани пациенти, конкурси распишани за по максимум 3 или 4, евентуално 5 вработувања, освен во Тетово каде бараат 30 доктори…

Ви го пренесуваме во целост неговиот став: 

- Денес (12.2.2024), во Македонија има 257 Лиценцирани доктори кои се активни баратели на работа во државава и се регистрирани во Заводот за невработени. Повторувам, 257 НЕвработени Доктори по медицина во држава која се соочува со недостаток на медицински персонал!

Голем дел од докторите чекаат платен стаж од 6 месеци во одделот за „Итна медицинска помош“ со месеци кој е измислен предуслов за специјализација понатаму, а процесот е закочен во една од следниве институции:

Министерство за здравство, Фонд за здравствено осигорување или Министерството за финансии; (одговорот се менува во зависност од тоа каде е адресирано прашањето и истиот по автоматизам се префрла под закрила на друга институција различна од таа кадешто е упатено прашањето и така месеци и месеци во истиот “триаголен лавиринт”).

За потсетување, во Македонија има околу 2,9 доктори на 1.000 жители, во една Бугарија има 4,2 на 1.000, Германија над 4,5 на илјада, а Австрија 5,48 на 1.000 жители… а бројот на средно-медицински персонал, болничари, техничари итн. минимум двојно и тројно повисоки споредени со нашите статистики.

Нешто е труло во државниот систем, невработени доктори, незадоволни и исфрустрирани пациенти, конкурси распишани за по максимум 3 или 4, евентуално 5 вработувања, освен во Тетово каде бараат 30 доктори… Нешто ептен смрди во системот, да не испадне после не Ви кажавме.

Средствата кои се нудат за докторите се јавни исто така, но не ги коментирам овде;

*П.С. Податоците се извадени денес од Агенцијата за вработување на Р. Македонија и Државен завод за статитстика.