Девојката која малтретираше животни во скопската ЗОО се извини, но сепак ќе се соочи со пријава

Девојката која прескокнувајќи ги оградите на живеалишта ги малтретира животните во Зоолошката градина во Скопје ќе се соочи со пријава. 

Откако вчера видеото на кое се гледа постапката на оваа скопјанка се обелодени на социјалните мрежи, со став излегоа од скопската Зоолошка кои рекоа дека ќе има казна. Подоцна беше откриен и идентитетот на девојката, а станува збор за извесна Мила Анастасовска, студент по криминологија на факултет за безбедност која подоцна се извини за својата постапка. 

Младата студентка признава дека ги прекршила правилата, но вели дека во ниту еден момент намерата не и била да се иживува со животните, туку сакала да направи интересно видео. 

-Јас сум Мила и сакам да се извинам за видеото кое беше погрешно сфатено од страна на народот. Мојата цел во ниту еден момент не беше да ги повредам или вонемирам животните, а горе кај мечките се качив за да направам интересно видео. Во моментот кога се качив горе кај мечките, видов кришка леб и им ја фрлив. Вистина е дека ги прекршив правилата на Зоолошката градина, но не вистина дека ги вознемирив животните. Ова е еден лош пример како не треба да се однесувате во Зоолошката градина, вели студентката. 

-Мила сними видео и се извини. Можеби не разбрала до крај дека се што направи е погрешно како што се гледа во видеото, но тука сме да едуцираме и во иднина вакви работи да не се повторат никогаш. Ние ништо не сфативме погрешно како што кажува во ова видео- напротив сите погрешни работи се гледаат на претходната снимка која не вознемири сите.Секој кој сака преку снимање на видеа за социјални мрежи да биде во центарот на вниманието- нека прави убави работи, нека прави забавни видеа, нека покаже хуманост и емпатија. Има многу млади деца кои тоа го прават и се гордееме со нив. Се надевам Мила извлече поука од сето ова и дека ќе го поправи своето однесување. За почеток помогни и нахрани некое бездомно куче или маче. п.с Да дополнам-пријава ќе има!, порача Тина Мицковска, лице за односи со јавност на скопската ЗОО.