Да престане насилството врз животните, побараа граѓаните по објавено видео со клоцање на куче од еден насилник

Здруженијата за заштита на животните и граѓаните, побараа да престане насилството врз животните, откако на социјалните мрежи синоќа беше споделено видео на кое се гледа како момче клоца мало куче.

Видеото, најверојатно е снимено на некое игралиште во Куманово, судејќи по разговорот на двајцата протагонисти. Еден од нив без причина се стрчува кон кучето кое е свртено со грб и силно го удира во стомакот, кое преплашено бега.

Откако започнаа јавните критики видеото и профилите на двајцата беа избришана, но тоа само предизвика поголем револт и споделување на снимката.

Граѓаните побараа да се откријат и да се казнат насилниците за делото што го сториле, бидејќи само така ќе се стави крај на изживувањето врз недолжните животни.

За мачење на животни следува казна до една година затвор.

- Тој што грубо злоупотребува животно или го изложува на непотребни маки или му нанесува непотребни болки или заради изживување го изложува на страдање, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година, -  пишува во Кривичниот законик.