Блокадите на грчките земјоделци се тргнати, влегувањето преку преминот “Богородица“ -“Евзони“ е нормализирано

По вчерашната блокада на грчките земјоделци на граничните премини која траеше од 18 до 23 часот сообраќајот кон Грција е нормализиран. Тамошните погранични служби пропуштаа патнички и товарни возила на секој половина час по десет минути.

Веста дека е нормализиран влезот кај јужниот сосед преку преминот „Богородица-Евзони“ за МИА ја потврди началникот на Регионалниот центар за гранични работи Југ при МВР, Славчо Богев.

И на другите граничните премини со Грција, „Дојран-Дојрани“ и „Меџитлија-Ники“, протокот на патници и стока се одвива нормално.

Инаку, преминот „Ники“ за влез во Грција вчера беше блокиран од грчките земјоделци од 16 до 19 часот, кои, според информации оттаму, штрајкот и блокадите ги ставиле во мирување.