Бизарен случај во Македонија: Пациент кој лежел во болница морал да врти на 112 за да биде спасен

Пациент од велешката болница кој лежел на одделот на Физикална медицина и рехабилитација, паднал од кревет, па се јавил на единствениот број за итни случаи 112 да побара помош, зашто два часа никој не доаѓал да му помогне.

Овој бизарен случај, кој се случил пред неколку недели, го сподели директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, во подкастот „Сакам да кажам“. Драмата траела уште 40 минути додека Итната помош да влезе во болницата и да му помогне на пациентот.

- Човекот паднал на земја, барал помош од доктор, од сестра, никој не дошол околу два часа. Успеал да дојде до неговиот телефон и се јавил на 112. Имал шипки во рацете, во ‘рбетот, значи имал ортопедски повреди, не знам какви, не сакаме понатаму да навлегуваме во детали, и кога нашите го префрлиле повикот во Итната медицинска помош, тие биле збунети, како сега, човекот е во болницата, замислете Брзата помош треба да отиде и да интервенира кај пациент што лежи во болница. Нашите го контактирале и чуварот во агенцијата за обезбедување, па тој немал соодветен клуч, не можел да влезе, настанала вистинска драма, повеќе од 40 минути траела драмата, додека на крај итната медицинска помош да влезе кај човекот, изјави Ангелов.

Во Велешката болница жалат за случајот кој се случил на 22 јануари по 2 часот по полноќ.

- Поведена е дисциплинска постапка за да се утврди фактичката состојба за настанот. Менаџментот на ЈЗУ Општа болница Велес жали за овој случај и ќе направиме сè во иднина да не се случуваат вакви немили настани кои менаџментот остро ги осудува. Целокупниот персонал на болницата ги исполнува своите работни задачи одговорно и професионално. Ова е еден изолиран случај кој не смее да се одрази на целокупната слика на работењето во болницата, вели портпаролката на велешката болница Марина Андова.