Бидете хумани и дојдете на забава во Аеродром - ќе пејат Лоба, Лара Иванова, Сара Мејс, Поточиња...

Денеска на пладне зад Трговскиот Центар Капитол во Аеродром, почнува хуманитарниот базар-фест организиран од Општина Аеродром. 

Во пресрет на новогодишните и божиќните празници, заедно со училиштата и градинките од Општина Аеродром ја продолжуваме традицијата на организирање хуманитарни и забавни настани. Денеска и утре ќе се одржи дводневен новогодишен хуманитарен базар фест насловен „Подари среќа“ на кој ќе настапат Викторија Лоба, Лара Иванова, Сара Мејс, Фиц и Студени нозе, Ди Џеј Тодороф, но и детскиот фестивал ,,Поточиња”, магионичарско шоу, новогодишна претстава со Дедо Мраз, танцови настапи на Aqua Dance и Break a leg и настап на Светот на Биби, информираа од општината. 

На хуманитарниот настан, посетителите ќе можат да купат новогодишни честитки и рачни изработки на децата од градинките и училиштата од прво до петто одделение, а средствата што ќе бидат собрани од акцијата ќе бидат донирани за помош на семејствата од социјално-ранливите категории во Општина Аеродром.
-Ги повикуваме сите граѓани да го посетат базарот, да се израдуваат себеси и најблиските со уникатни подароци, а на тој начин да помогнат и да подарат среќа и насмевка на оние на кои им е најпотребно, велат надлежните.