Берлин наскоро би можел да стане град без автомобили

Во текот на следниот месец ќе биде донесена одлука дали Берлин ќе стане град без автомобили.

Имено, тројца пријатели дошле до идеја за Берлин без автомобили во 2019 година. Тие ја основале групацијата Volksentscheid Berlin Autofrei и тргнале да ја промовираат идејата за ограничување на автомобилите и замена со градските железници Ringbahn. Наскоро била покрената петиција, која собрала повеќе од 50.000 потписи минатата година.

Идејата сега ја разгледува Сенатот на Берлин, а одлуката ќе биде донесена следната недела.

Доколку се усвои идејата, Берлин речиси целосно би бил „исчистен“ од автомобили. Право на сообраќај ќе имаат службите за итни случаи, комуналните услуги и такси и возилата за испорака.

Исто така, преку програмите за споделување автомобили, жителите од време на време би можеле да користат автомобили.

Според последниот сообраќаен извештај од 2014 година, дури 58 отсто од сообраќајниот простор е за автомобили, а тие сочинуваат една третина од сообраќајот во Берлин.

Од друга страна, само 3 отсто од просторот е наменет за велосипеди, кои сочинуваат 15 отсто од сообраќајот во Берлин.

„Тоа е исто толку за нашата непосредна околина, колку и за животната средина како целина“, изјави ко-основачот Нина Нобл за The Guardian.

„Сите сакаме да живееме, да дишеме и да играме заедно. Сакаме луѓето да можат да спијат со отворени прозорци и децата повторно да можат да си играат на улица. Бабите и дедовците треба да можат безбедно да ги возат своите велосипеди и да имаат многу клупи за одмор“.