Асфалтираните патеки од Градскиот парк ќе бидат тартан патеки

Директорот на Јавното претпријатие „Улици и патишта“, Борис Настов, во разговор за „360 Степени“ истакна дека вчера биле погрешно разбрани и дека немале намера да ги остават патеките во градскиот парк асфалтирани.

„Асфалтот што вчера беше поставен околу лавиринтот во градскиот парк е основа која мораше да ја поставиме за стабилизација на тлото. Во овој дел имаше неколку места кои беа подложни на подземни води и тоа предизвикуваше проблеми при движењето на посетителите. Она што сега ќе се прави е врз тој асфалт, кој е со поинаков состав од обичниот, ќе се поставуваат уште три слоја композитни материјали за потоа да се постави тартан патека“, објасна Настов во разговорот.

Тој, покрај другото во разговорот додаде дека седумте илјади квадратни метри пешачки патеки, кои сега се со ризла, за кои вчера градоначалничката Данела Арсовска најави дека ќе се асфалтираат, ќе останат како што беа досега, односно со ризла.