Арсовска во друштво на Ахмети испрати порака од Сарај: Да се изгласа одлуката за набавка на 250 еко-автобуси

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која деновиве е изложена на критика поради состојбите во ЈСП и со градскиот превоз, денеска од Сарај ги повика советниците во Градот да ја изгласаат одлуката за 250 еко-автобуси која е одамна поднесена и е дел од нејзиното изборно ветување. Таа денеска заедно со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети и дел од врвот на ДУИ присуствуваше на свеченост, изградба на водовод за седум села од таа Општина, ветување, кое како што нагласи, жителите го слушале 30 години, но сега со средства од Град Скопје чиста вода за пиење ќе добијат идната година.

Арсовска нагласи дека ако советниците ја изгласаат одлуката за набавка на 250 еко-автобуси, тие сукцесивно ќе се набавуваат, но, рече, за жал свесноста е на ниско ниво.

- Апелирам во интерес на граѓаните да ја изгласаат оваа одлука, затоа што ова е нешто кое што не би требало да има политичка заднина, порача денеска градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Таа додаде дека реализација на овој проект веќе десетина пати пред советниците беше доставена одлуката. Според неа советниците треба да гласаат во интерес на скопјани кои им дале глас за да работат за добро на градот.

Во делот на бесплатниот јавен превоз, Арсовска рече дека ова е проект што ќе се буџетира во 2024 година. Одлуката ќе биде ставена пред советниците кога ќе гласаат за буџетот во 2024 година.

- Најавувам дека од следниот буџет, веќе го буџетираме бесплатниот јавен превоз за сите граѓани. Ќе биде ставена и оваа одлука пред советниците кога ќе гласаат за буџетот во 2024 година, додаде Арсовска.