Арсовска на увид на првата фаза од изградбата на булеварот Македонија

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска денеска заедно со екипи од секторите во градот и јавните претпријатија, извршија увид во градежните работи за започнување со реализација на прва фаза на еден од најтешките, најголемите и најзначајните проекти во Скопје, изградбата на булеварот Македонија кој ќе го реши деценискиот проблем со сообраќајниот метеж во централното градско подрачје.

- Овој булевар има за цел да го растерети сообраќајот во центарот на градот особено на улицата Јордан Мијалков, улицата Павел Шатев, улицата Св. Кирил и Методиј и булеварот Кочо Рацин. Градското раководство започнува со изградба на сообраќајницата на потегот од Тутунски комбинат во Кисела Вода која завршува во централното градско подрачје, и во првата фаза опфатени се булеварот и три крстосници, првата меѓу булевар Крушевска Република и улица 11 октомври, втората меѓу булевар Борис Трајковски и булевар Македонија и третата на двата краци на булевар Македонија кон втората фаза од булеварот кои се поврзуваат со подземната сообраќајница кај Лимак, порачаа од Град Скопје. 

- Реализацијата на ваквите сообраќајни решенија е од особено значење за граѓаните на Град Скопје, а значително ќе го намалат сообраќајниот метеж во центарот на градот и ќе го олеснат движењето на граѓаните низ централното градско подрачје, додаваат оттаму. 

Во првата фаза која се реализира на траса предвидени се и нова велосипедска патека по целата должина како и пешачка зона, а истовремено се реконструира целосно водоводната и канализационата мрежа.