Архиепископот г.г. Стефан задутре ќе чиноначалствува во манастирот на Матка

Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан задутре на одбележувањето на Успение на Пресвета Богородица ќе чиноначалствува со светата Божествена литургија во манастирот на Матка. Таа ќе започне во 8:30 часот.

Во дворот на манастирот, пак, ќе се одржува крводарителска акција.

„Ќе ни биде драго заедно со вас да и оддадеме почит и благодарност на нашата мајка и заштитничка – Пресвета Богородица која вистински не закрилува нас сите и заеднички достојно да го прославиме Нејзиното Успение“, се пишува во поканата за одбележување на празникот од сестринството на манастирот.

Во предвечерието на празникот, утре во 18:30 часот во манастирот „Успение на пресвета Богородица“ ќе се одржи вечерна богослужба, а во 23:40 часот ќе започне сеноќното бдение.

Традиционално, секоја година има голем број верници кои доаѓаат во манастирот да се помолат на Мајката Божја. По тој повод, од ЈСП „Скопје“ информираа дека утре, на линијата 60 – Транспортен центар – Матка, во периодот од 17.30 до 23.30 часот, ќе сообраќаат дополнителен број автобуси.

Во понеделник, пак, јавниот превоз ќе сообраќа по неделен возен ред, а исклучок ќе бидат линиите 11, 11А, 18А, 32, 47А, 51, 55, 56, 56А, 70, 74, 81, 118, 160, 164 и 180, кои ќе сообраќаат по саботен возен ред.