Албанија вреди да се посети барем еднаш!

Многумина Македонци летово заминаа на летување во соседна Албанија.

Велат дека имаат убави впечатоци од албанските летувалишта и дека, ако не повеќе, барем еднаш секој треба да ја посети оваа земја во лето!

Причини зошто да го сторите тоа има многу! Сите нив, ни ги наведе една млада Македонка, која во писмо до нашата редакција, ги сподели своите импресии од Албанија!

-Во Албанија летово бев за прв пат. Не би одела пак, затоа што имам други дестинации на агендата за шетање, но морам да кажам дека вреди да се посети. Ова се моите причини зошто:

Во Албанија цените се навистина пристапни!

Овошјето и зеленчукот се поевтини сезонава таму отколку кај нас. Маркетите во туристичките центри се навистина снабдени. Кафе и цигари може да се купат по пониски или исти цени како кај нас! Пица, бурек, крофни на плажа, кочан пченка...поевтини од Охрид, и ми се чини повкусни!

Домаќините се пријатни и благонаклонети!

Се трудеа да се разбереме на англиски, дури знаат и по некој збор македонски. Пријателски се настроени кон децата. Се трудеа да бидеме услужени на најдобар можен начин, било кога станува збор за лежалки на преполна плажа, за кафе, за услуга во апартманот...

Се чувствувате безбедно!

Не знам дали бидејќи на плажите имаше многу Македонци, но никогаш претходно не се чувствував толку безбедно и на плажа и на шетање во гужва, и секаде, во однос на мојата чанта! Едноставно бев некако спокојна дека нема луди кражби. Разбирливо, бевме претпазливи и при пазарење да не ни земат повеќе пари, но такво нешто не се случи на ниту едно место!

Природата е убава!

И се разбира на одмор се оди да се одмори погледот и душата. Тоа и се случи во Албанија. Морето и плажите се навистина прекрасни. Одморивме максимално, видовме нови места, запознавме нови луѓе.

Се на се, Албанија вреди да се посети во лето!