250 лица во Македонија живееле без државјанство

Лицата кои не се регистрирани или пак ги немаат регистрирано нивните деца во матичните книги на родените тоа можат да го направат до 30 септември годинава во подрачните единици на Управата за водење на матичните книги со поднесување барање за дополнително запишување. 

Ова го овозможува шестмесечниот јавен повик за прибирање податоци за лица - нерегистрирани во матичната книга, инициран од Управата за водење на матичните книги и Министерството за труд и социјална политика, што беше објавен во април годинава.

Се работи за лица родени во домашни услови, но и лица кои се родени во здравствени установи, меѓутоа нивните родители не ја извршиле должноста да го пријават името на детето во матичната служба.

Досега оваа можност за запишување во матичната евиденција, како што информираат од Управата за водење на матичните книги, ја искористиле 250 лица.

- За пријавување се пополнува прашалник од страна на нашиот матичар според усни изјави или согласно еден документ за идентификација што го поседуваат. Упатно е да имаат и да покажат за децата, картони за вакцинација, сведетелства, копии од некои потврди и било кои документи што може да помогнат во нивна идентификација. Врз основа на ова лицата ќе се евидентираат и потоа ќе се спроведува управна постапка за нивно запишување во матичната евиденција, велат од Управата.