2020 година нè научи дека има многу работи за кои треба да бидеме благодарни

Светот околу нас драстично се промени годинава, ги разниша нашите животи од корен, внесувајќи многу неизвесност и нестабилност. Чекавме светот да се промени, се чувствувавме безнадежно и беспомошно додека деновите се претвораа во недели, а неделите во месеци. Секој ден беше ден во кој жалевме, не се чувствувавме добро и сфативме колку треба да бидеме благодарни.

2020 година нè научи да бидеме благодарни за нашето здравје. Бевме сведоци на многу смрт, умирања, паники за здравјето на блиските, оздравување и се прашувавме кога ќе дојде нашиот ред. Се збогувавме со многу луѓе без да бидеме подготвени за тоа, велевме дека не е фер што толку многу животи прерано беа прекинати. Се прашувавме како ние го избегнавме сето тоа, зошто толку добри луѓе ги изгубија своите животи, а нашите беа поштедени. И со секој преживеан ден, бевме благодарни што ние сме меѓу среќниците, кои сè уште живеат и дишат во свет кој се распаѓа. 

2020 година нè научи да бидеме благодарни за нашите сакани. Пропаднавме во осаменост, додека светот потона во тишина, прашувајќи се кога ќе можеме да го оствариме копнежот за поврзаност. Од далечина ги прославувавме родендените и важните моменти, посакувајќи животот да биде на нашата страна за да бидеме присутни во животите на луѓето кои ги сакаме. И покрај сите работи, успевавме да создаваме спомени. И со секој ден, бевме благодарни за начините на кои луѓето околу нас ни ги збогатуваа животите, давајќи ни љубов, смеа и утеха во тешки денови. 

2020 нè научи да бидеме благодарни за малите работи. Се боревме да преживееме, изгубивме сакани луѓе, работа и човечка поврзаност, чувствувавме вознемиреност додека нашите животи неповратно се менуваа, без некаква разврска. Почнавме да живееме ден за ден, почнавме да учиме повторно да чувствуваме, да сакаме. Почнавме да го цениме секој момент кој наликува на среќа, како првиот свеж воздух по денови поминати во станот, повиците од пријателите и семејството, мирисот на леб кој го печевме кога бевме заглавени дома. И секој ден бевме благодарни за она што сме го пропуштале: удобноста на домот, пријателите кои ни ги тргаа солзите од лицето, ранливоста и кршливоста на самиот живот. 

Оваа година нè истошти, нè умори и нè направи огорчени и сега посакуваме повеќе додека се надеваме дека светот ќе оздрави во следната година. Но, среде хаосот, 2020 направи да бидеме благодарни за она што го имаме, фактот дека сме живи и здрави и дека ги имаме блиските кои ни помагаат да ги надминеме и најмрачните времиња, како и малите, но значајни моменти кои нè уверуваат дека дури и во мрачните периоди, животот може да биде навистина убав.