За генерацијата која цел живот чека во ред за подобар живот

Генерациите кои се родија за време на распадот на Југославија не можеа ни да претпостават дека тоа значи и немилосрдно време за нивното детство и младост. За жал, или среќа, тие денес се свесни за тоа.

Периодот на транзиција, реформите, борбата против мито и корупција (свиткана во убава хартија со црвена машничка)  трае повеќе од 20 години и се прашуваме дали некогаш ќе заврши во Македонија, па и земјите од Балканот. Понекогаш доаѓа надеж за подобра иднина, ветувања од нови влади и политичари, копнеж за ЕУ и НАТО, но сите нешта се вртат во круг. Генерално, се живее во бура. Се живее од денес за утре.

Во меѓувреме, празните надежи и депресијата се лечат со евтините карти на ВизЕр, викендите во Грција и постојаните „препукувања“ на Фејсбук. Секој има зафатено страна. Секој има некаква етикета – вмровец, сдсомовец, предавник, либерал, националист, шмекер, небањат, Бугарин.

Младите израснаа со обвинувањата од политичарите за тоа кој ја продава иднината, кој ќе обезбеди подобра иднина, кој повеќе (или помалку) мисли на минатото. Куп демагогии – жртви, победници, лидери и следбеници проследени со патриотизам, национализам, мито, корупција, национални поделби и говор на омраза. Но, израснаа и со  грижите за своите родители, за нивните фирми загубари, за ратите на факултет, кредитите во банка, празните картички и сонот за подобар живот.

Постои дел од оваа генерација која и нема толку лош живот. Тие се оние чии родители ја искористија приватизацијата, партиите и своите врски за да им обезбедат подобар живот на тие деца.  Голем дел од нив веќе не ни живеат во ова мало парче земја. Но, најголем дел од младите родени во периодот на распад на Југославија кои веќе и не се толку млади се растегнати меѓу историјата на својата земја и верувањето дека за неколку години, сѐ ќе се смени! На подобро, секако!

Останува ли уште многу за нив освен вербата во подобро утре? Без оглед на тоа дали таа ќе дојде спакувана како нова влада, нов политички лидер, ново име.

Во меѓувреме, сѐ е некако преку ред и преку врски.