За десетина дена електронска наплата на патарина на цел “Коридор 10”

На патниот “Коридор 10” за десетина дена треба да почне електронска наплата на патарините, најави вчера директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов.

– За десетина дена очекувам да почне да функционира електронската наплата на патарините и тоа во прво време на “Коридорот 10”. Во моментов подготвени се патарините кај Романовце, Сопот и Отовица. Се прават напори и за патарината кај Кавадарци, но со надградување на постоечкиот софтвер. Од септември ќе се работи и на патарините на Коридорот 8, рече тој и додаде дека сите патарини на тој коридор се обновени, а новите што допрва ќе се градат ќе бидат опремени со потребниот софтвер за електронска наплата.

Инаку, ЈП во првото полугодие од оваа година остварило зголемен приход од патарини за 54 милиони денари или за 5,3 проценти повеќе во споредба со истиот период од 2017 година. Според Китанов, тоа се должи на зголемениот интензитет на сообраќајот и подобрата организираност на патарините.

И инвестициите реализирани од ова јавно претпријатие се во поголем обем во првата половина од годинава отколку во истиот период лани. Според Китанов, инвестициите во првите три месеци од оваа година тежат околу 2,2 милиони денари, односно 36 милиони евра што е за 9,8 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани. Тоа е зголемување од 37 проценти.

Во моментов, пак, со околу 20 милиони евра буџетски средства и со средства на ЈПДП, се работи на рехабилитација на регионални патишта во должина од 230 километри.

– Со 86 милиони евра средства обезбедени од Европската банка за обнова и развој се планира рехабилитација на 26 патни правци во должина од 422 километри. Со 14 милиони евра од Светска банка се работи на рехабилитација на 13 патни правци во должина од околу 150 километри. Дел од проектите ќе бидат завршени оваа година, дел ќе бидат започнати, но еден дел се очекува да бидат комплетирани во различни временски интервали следните неколку години, појасни Китанов.

Како што претходно беше објавено, за оваа година се обезбедение вкупно 270 милиони евра за изградба на нови патни правци, за комплетирање на започнатите инфраструктурни проекти и автопати, како и за реконструкција, рехабилитација и заштита на регионални патишта. Во план е со овие средства да се работи на повеќе од 60 патни правци во земјава во вкупна должина од 800 километри.