“Врба” е наслов на новиот македонски долгометражен филм

“Врба” е наслов на новиот македонски долгометражен филм, кој ќе го режира нашиот познат режисер Милчо Манчевски, а кој деновиве доби и финансиска поддршка од 1,2 милиони евра (76.875.000 денари) од Агенцијата за филм на РМ.

На Манчевски, ова ќе му биде шесттиот игран филм по остварувањата “Пред дождот” -1994, (прв македонски филм кој беше номиниран за престижната награда Оскар и добитник на наградата “Златен лав” за најдобар филм на фестивалот во Венеција), “Прашина” -2001, “Сенки” – 2007, “Мајки” – 2010 и последниот “Бикини Мун”, американско-германска копродукција, која имаше своја премирера пред три месеци во Сао Паоло, Бразил.

Македонскиот режисер повторно ќе режира во Македонија по цели осум години. Неговиот последен македонски филм “Мајки” (2010) беше македонскиот кандидат за номинација за “Оскар” на 83. доделување на наградите на Академијата.