Во предизборна кампања...Изгоре мојот град, моето детство...„гори“ на социјалните мрежи за Универзална

„Гори“ на социјалните мрежи од револтот и шокот на граѓаните по пожарот на Универзална сала кој утрово ги шокираше сите. 

Дел од инсинуациите се дека намерно е запалена Универзална сала.

- Толку и од Универзална сала. Нормално, во предизборна кампања. Ова е резултат на рециклирање на истите ликови, истите партии, истите хулигани кои вака се иживуваат врз Скопје и врз Македонија дур уништат се што остана, напиша на фејсбук Горјан Јовановски, советник во Советот на Град Скопје. 

- Се чувствувам како мојот град да изгоре, заедно со моето детство и сите Златни Славејчиња на кои ме носеше дедо ми. Психолошкиот ефект на глетката, заедно со психолошкиот ефект од државата се класична депресија, вели новинарката Мирослава Симоновска. 

- Се сеќавам како мал кога одев во Луна парк, па кога ќе ми купеа моите блок карти за на ракетите, вовчето, количките за удирање. Па како поголем кога одевме во кино Парк, на Хари Мата Хари во Хавана, пирошките со сирење, Снешко од фрижидерите на скалите па дури и на голф. Се сеќавам како мал кога одев на панаѓурот во Скопски саем и ќе се шашардисав од убавина во огромните пет хали преполни со се` и сешто, па на саем на книги, коли, мебел, Технома и секако неизбежната Лесковачка пљескавица лево од главниот влез. Се сеќавам како мал кога одев на Златно славејче во Универзална сала, па како поголем на многу концерти, театарски претстави, на незаборавното полагање приемен на Медицински. За жал останаа само сеќавањата и кога ќе им раскажуваме на нашите внуци само да си замислуваат, сподели Денис Јанкуловски. 

- Како што изгоре се во државава,изгоре и Универзална… Отиде симболот на Скопје,сцена на која се одиграа најважните моменти во македонската музичка култура… Ми се плаче, напиша пејачката Бојана Скендеровски.