Уставниот суд одлучи да ја поништи одлуката донесена од Советот на Општина Центар од март 2017 година, со која мнозинството советници изгласаа поништување на два урбанистички планови- ДУП – Голем ринг јужен дел запад и ДУП – Голем ринг јужен дел исток во општина Центар од 2012 година.
– Општините не може да поништуваат Детални урбанистички планови, туку да донесуваат ДУП, а доколку сметаат дека не се во ред тогаш може да ги менуваат. Само Уставниот суд може да поништува и укинува ДУП, стои во образложението на Уставниот суд.
Овие два ДУП-а беа поништени лани како продолжение на седницата започната во 2013 година кога се случија немирите во Општина Центар и беше прекината поради демолирање на општинските бараки и нарачаните шамари врз тогашниот градоначалник на Центар, Андреј Жерновски. Советничката група предводена од СДСМ со мнозинство гласови поништи одлуки за донесување на четири урбанистички планови вклучително и двата за кои што одлучуваше вчера Уставниот суд. Спорни во плановите беа изградбата на црква на улица Македонија, зградата на кое е сместено седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, објектот Шпански скали на плоштад “Македонија#, катната гаража позади поранешен Метропол, катната гаража кај Аутомакедонија, кулите и подземната сообраќајница кај Јужен булевар и улицата на Кеј 13 ноември.
Од Општина Центар појаснуваат дека одлуката за поништување на ДУП-овите била донесени за да се спречат градбите од проектот “Скопје 2014”. Во моментов како што информираат од општината ставен е мораториум на реализацијата на сите ДУП-ови за кои ќе претстои нивна измена.