Трајкоска за личните документи: Дали да ја тужам државата што ме ставила во заблуда?

Директорка на Институтот за комуникациски студии Жанета Трајкоска со свој осврт на случувањата со личните документи во земјава. 

- Ново утро, нова зандана, пишува таа во својата денешна фејсбук објава. 

- Јас сум од тие што имаат лични документи извадени во 2020 година со РМ. Дали да ја тужам државата што ме ставила во заблуда и ми издала документи кои нема да важат колку што пишува на нив; што ми троши бесцелно време за да закажам нивна замена и тоа безуспешно; што ми прави дополнителен финансиски трошок, а претходно ми дала информација дека нема да има трошоци, и на крај, што ме држи во зандана наречена МаЌедоња дел НорД и ми забранува движење?! - праша таа во својата објава и додава: 

- Се прашувам, дали знаат СДСМ колку гласови дополнително изгубија во последните 48 часа заради хаосот во кој се затекна државата, од неспособноста или планираната зезалица што требаше да го стави новиот технички министер во небрано, од исклучително глупите изјави на своите сопартијци кои извадија дубиозни конструкти за вината на распадот на системот, од платените ботови и сите кои наместо да ја намалат штетета во јавноста, ја зголемија на контото на СДСМ, оти се ужасно иритантни и се уште мислат дека плебсот кој треба да ги гласа е глуп. Веројатно некој им кажал дека одливот на гласови има повеќе нули. Да се послужам со насловот на МКД.мк „Стани, Оливере Спасовски, да те види цела сала!“

На крајот Трајкоска поентира: 

- Но, најкул на свет ми е што ДУИ седи од страна и грицка семки, оти они не се од тука, немаат Министер за надворешни, заменик министер за Внатрешни, не учествувале во целата оваа калакурница, не кренале 2 прста во Собрание, и секако, никогаш не биле на власт во изминативе 20 години.