Сведочења за љубов, тага и болка: катастрофалниот земјотрес буди емотивни спомени

Скопје овие денови одбележува 57 години од катастрофалниот земјотрес кој однел повеќе од илјади животи и сериозно го разурнал градот. Во тоа кобно утро, кога поголемиот дел од жителите беа во длабок сон, околу 1.100 жители никогаш не се разбудија, најмалку 3.000 беа повредени. Околу 200.000 лица останаа без покрив над главата. Оваа природна катастрофа е најголемата во македонската историја.

Старите скопјани и денес се сеќавањаат и раскажуваат за земјотресот.  Тие своите спомени ги раскажаа во групата Стари Скопјани, а ние пренесуваме дел од нив. 

Во едно од нив Светле Камџијаш раскажува дека таа е родена по земјотресот, но љубовта на нејзините родители започнала од овој трагичен момент. 

„Така започнала и љубовта на моите родители, додека "кампувале" на брегот на Вардар, во страв дека може да удри нов бран тресење“, раскажува Светле.

Таа го раскажува и искуството на нејзината мајка која грабнала бебето на вујко и (мојата братучетка) и летнала надвор, преку дворот на тогашна Комерцијална банка, право на брегот на Вардар. Бебето исто така осетило дека нешто страшно се случува и ја избербатило по ноќницата. Кога стасала и погледнала пред себе, кон Офицорскиот дом, веќе го немало. На негово место полека спласнувал густ облак жолта прав. 

Ева Јанчева Петрушевска била 8 - месечно бебе за време на земјотресот. 

„Јас сум била 8 ипол месечно бебе. Кога почнало силно да тресе татко ми со се корпата во која сум спиела прво ме земал мене и почнал силно да вика по мајка ми ( која била тие мигови во тоалетот) веднаш да трча по него. Се симнал татко ми од зградата додека уште тресело, а мајка ми ја немало се уште. Ме оставил татко ми на некои соседи да ме причуваат и во дел од минута ( на првиот спрат ) повторно се качил горе. Зградата се лулала како брод на немирно море. Вратата од тоалетот се заглавила, бољерот паднал , а мајка ми така чучната со рацете над глава мислела дека тоа се нејзините последни мигови од животот. Татко ми со ногата ја искршил вратата ја грабнал мајка ми и брзо се симнале долу“, раскажува Ева. 

Веста за земјотресот многу брзо се раширила во регионот, а потресот се почувствувал и во соседните земји. За едно вакво искуство раскажува Билјана Топко која во тој период живеела во Метохија. Таа раскажува дека во време на земјотресот имала 6 години.

Паметам дека татко ми ме извлече од кревет, зборувајќи ми дека станува збор за земјотрес. Ми кажа дека е силен потрес, кој најверојатно се случил во Скопје. После неколку денови слушнавме дека докторката Љубинка од Скопје загинала во земјотресот. Потоа уште долг период, моите родители од платата одвојуваа средства за солидарниот фонд формирана за таа намена„, раскажува Билјана.

Своето искуство со земјотресот го раскажува и Велјанка Пандиловска.

Осетот на тресење беше језив, а сите избегавме надвор по скалите кои беа одвоени од зградата. Сите бевме избезумени. Во тој момент јас тргнав кон старата воена болница која не беше многу далеку од нас. Во непосредна близина на болницата имаше фурна, за жал тоа утро загинаа сите кои чекале за леб во тој момент. Лоша слика, луѓе голи и со пижами...секој земал по некое ќебе со себе“, раскажува Велјанка.

Мимоза Вујошевиќ раскажува за еден дел од нејзиното сеќавање по земјотресот. Првиот момент е куче кое цвилело само и напуштено во зграда која половина била срушена, а за вториот момент вели:  Целиот град го поминавме пешки за да стигнеме до зградата во која требаше да се преселиме, тоа беше познатата 13-ка во Карпош, зградата беше срамнета со земја и никој немаше жив. Сите плачевме гушнати, но никогаш нема да дознаам дали од тага за погинатите или од среќа што останавме живи, заклучува Мимоза.