Скопски легенди: Приказната за малечката невеста принцезата Симонида

Многу славни жени од историјата станале скопски снаи и невести, а многу од тие приказни се необични и малку познати.

Ќе наведеме само некои од нив. Најинтересен е случајот со принцезата Симонида, ќерка на византискиот цар Андроник Втори и царицата Ирина.

Таа приказна и денес не престанува да ги возбудува духовите и да ги инспитира историчарите и уметниците, а директно е поврзана со Скопје од крајот на 13-ти и почетокот на 14-ти век.

Што всушност се случило?

Во тоа време, во 1282 год., византијците биле поразени и морале Скопје да го предадат на кралот Милутин, кој со моќна војска бил во силна освојувачка експанзија во регионот. Градот и Скопската тврдина станале негова престолнина и главна резиденција. Се случувало, за да се спречат нови освојувања и да се одоброволат владетелите, да се склучуваат бракови меѓу припадници на одделни династии. Така, царот Андроник Втори на моќниот крал му ја понудил за сопруга својата ќерка, принцезата Симонида.

Но, со тоа се предизвикала драма, и скандалот веќе бил на повидок. Затоа што византиската принцеза имала само 5 години! Според историчарите кралот бил во поодминати годинии и најмалку 40 години постар од неа. Со бракот не се согласувале некои од владетелите на околните земји, но и самиот византиски патријарх не го одобрувал. Сепак, било договорено, бракот да биде склучен, што само зборува дека проблемот со малечките невестии, долго е присутен во историјата, а во некои земји постои и денес. За да се склучи овој брак се воделе долги преговори. Византискиот цар, за свој пратеник и преговарач во Скопје го одредил писателот и дипломатот Теодор Метохит. Неговиот престој во Скопје е од исклучително значење, бидејќи многу прецизно зборува за тоа како изгледал градот во тоа време.

Една зима во 1299 год., за која записите велат дека била од најстудените во тој период, пратеникот Теодор Метохит пристигнал пред портите на Скопје. Во тие доцни ноќни часови, портите на градот биле затворени. Затоа, тој со својата придружба морал да преноќи надвор од ѕидините. Така дознаваме, според неговите искази, дека постоеле Горен и Долен град односно просторот на денешната Чаршија, кој исто така бил окружен со бедеми. Метохит бил воодушевен од раскошот што го видел во Скопје: Целиот скопски дворец блескаше накитен со свилени и златни предметии, пишува тој.

Трпезата исто така била богата: со дивеч, свежо и сушено овоштие, разновидни слатки, со специјалитети од риба ловена во околните реки, како и онаа донесена од Дунав.

Преговорите траеле долго, но успешно завршиле. Интересна е сликата како малечката невестаа е донесена во Скопје.

Поради сигурноста дека брачната врска ќе се одржи, кралот морал на византијците да им предаде заложници.

Предавањето на заложниците и прифаќањето на принцезата Симонида било извршено необично среде реката Вардар!

Самиот овој податок зборува дека Вардар во тој период, на некои делници, веројатно бил пловен. Потоа, кралот, искачен на коњ, ја пречекал принцезата. Кога таа му се приближила, тој слегол од коњот за да ја поздравил, што се сметало за укажување на посебна почит.Принцезата била воспитувана во дворецот во Скопје, а кога наполнила 12 години била полнолетна, според законите од тоа време. Но, драмата допрва започнувала. Кога имала 22 години, починала нејзината мајка, царицата Ирина. Тогаш Симонида заминала за Цариград на погребот, и не сакала да се врати во Скопје. Барала да се замонаши.

Бесен, кралот испратил луѓе за да ја вратат назад. На враќање, некаде околу Сер, таа се обидела да избега, но безуспешно. По неколку години, кога наполнила 27 години, кралот починал во Скопје. Несакајќи повеќе да се мажи, таа заминала во Цариград каде конечно ја остварила својата желба - да му служи само на Бога! Се замонашила во цариградскиот манастир Св. Андреаа. Судбината на малечката невестаа укажува на жртвената улога на детето, и, како што велат истражувачите, на патилата, одрекувањето, но и на своевидна посветеност и возвишеност.

Може да се каже дека и други познати и моќни жени од историјата биле скопски снаи и невести. Од византискиот период треба да се спомене и царицата Теодора, сопруга на царот Јустинијан, кој, како што е познато потекнува од Скопје и непосредната околина, местата Таор и Бадер. период, велат историчарите, таа практично владеела со царството, со влијанието што го имала врз императорот Јустинијан и неговите одлуки. Посебно е интересен османлискиот период. На пример, малку се знае дека моќниот Јахја - паша, ктитор на истоимената џамија, кој е по потекло од Скопје, бил женет за Хатиџе Хатун, ќерката на султанот Бајазит Втори. Султанот Бајазит го обожувал Скопје и неговата клима, и по Едрене, најмногу престојувал во овој град. И Бејхан, ќерката на султанот Селим Први и сестра на Величествениот живеела во Скопје, и се претпоставува дека таа тука била мажена. Во Скопје живеела и ќерката на султанот Мехмед Челеби (Учениот), по име Ајше Хатун, која во градот имала и своја џамија. Тоа е само дел од богатата историја на Скопје поврзна со најмоќните светски семејства и династии.

(Данило Коцевски, Вест)