Симптомите траат 4 до 7 дена - Од што се добива салмонела и како да се превенира

Кујните во три училишта, заедно со магацинскиот простор во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во општина Карпош се затворени откако се потврдени случаи на девет деца заразени со салмонела, информираа вчера од Општина Карпош.

Во ООУ „Војдан Чернодрински“ се заразени три ученици, во „Владо Тасевски“ пет, а во „Јан Амос Коменски“ има еден ученик заразен од салмонела. 

 Земени се брисеви од сите работни површини во сите основни училишта.

- Фирмата која врши снабдување со храна во сите основни училишта во Карпош сама побарала вонреден преглед. До добивањето на резултатите ќе бидат затворени кујните во овие три училишта, како и кујната во ООУ Димо Хаџи Димов каде што нема регистрирани случаи, но е сместен магацинот од каде се снабдуваат другите училишта, велат од Општина Карпош.

Резултатите се очекуваат најдоцна до сабота.

Салмонелата е бактеријата која предивикува болест наречена Салмонелоза

Лицата кои се заразени со салмонела често добиваат грчеви во стомакот, пролив, гадење и повраќање, главоболка, треска. Симптомите обично се јавуваат од 6 до 72 часа после заразувањето. Симптомите обично траат од 4 до 7 дена, понекогаш многу подолго.

Воглавно, салмонелата се пренесува со јадење на недоволно зготвена храна направена од заразени животни (месо, пилешко, јајца и производи направени од нив) или храна произведена за широко производство (чоколади, бомбони, секакви видови кондиторски производи) кои не се чувани на соодветна температура и средина.

Салмонелата се уништува со комплетно готвење на храната (добро термички обработена храна).

Еве неколку совети како да ја превенирате салмонелата. 

- Избегнувајте живо или недоволно зготвено месо, месо од живина или јајца. Месото од живина и другото месо – на пример, хамбургери, колбаси и ролати од печено месо – не треба да се јадат ако во средината се розеви.

 Ракување со храна

Бидејќи салмонелата може да остане на рацете, многу е важно рацете секогаш да се мијат темелно после користење на тоалетот и пред приготвување на храна. Рацете треба да се мијат со сапун и вода во траење од најмалку 10 секунди, потоа да се исплакнат и добро да се исушат. Посебно внимание треба да се обрне на деловите под ноктите и меу прстите.

Загадување на храната

За да го спречите загадувањето на храната чувајте ја сировата храна (на пример, живо месо) во херметички затворени садови на дното од фрижидерот или замрзнувачот за да се избегне од неа да капе или да се истури течност врз друга храна која е готова за јадење. Сета храна што ја чувате во фрижидер или замрзнувач покривајте ја за да ја заштитите од загадување.

- мијте ги рацете веднаш откако сте биле во тоалет или ако сте допирале сирова храна и пред да започнете да ракувате со зготвена храна или храна која е готова за јадење

- користете посебни штици за сечење, тави, прибор и чинии кога приготвувате сирова храна и храна готова за јадење. Ако имате само една штица за сечење, измијте ја добро во жешка вода со сапун пред повторно да ја користите

-  темелно исчистете ја сета нечистотија од сиот сиров зеленчук и овошје пред да ги приготвите за јадење 

- бришете ги садовите со посебна крпа од таа што ја користите за бришење на рацете или за бришење на работните површини

-  редовно перете ги крпите за бришење садови.