Силјановска-Давкова: Во очите на луѓето гледам надеж, се наоѓаме пред портите на четвртиот Илинден

Се наоѓаме пред портите на четвртиот Илинден каде ќе имаме реформи, европски стандарди, одговорност и безмилосна битка со корупцијата и криминалот, бидејќи ниту една област како образование, здравство, еконoмија, социјалнa заштита, наука и сл. не може да се помести ниту педа напред, истакна  професор д-р Гордана Силјановска-Давкова, на денешниот митинг во Пробиштип.

Таа рече дека не смееме да дозвилиме македонското ткиво да биде корумпирано и криминализирано, оттаму политичката максима ќе биде „крај на корупцијата и криминалот и негово искоренување”, бидејќи во прашање е системско зло.

„Фамилиите на власт се поврзани со корупција и криминал, не е воопшто пријатно да гледате слики каде највисоки функционери ја делат трпезата со секого, односно тоа е доказ дека со премолчување и самите се дел од тоа криминално семејство. Мора да ставиме крај на ова! Не смее претседатели и премиери кои се во изборна трка да сметаат на гласови добиени со помош на криминалците, бидејќи таму нема збор / беса, таму има ветување и исполнување. Здравјето на целата нација, здравјето на Македонија го врзуваат за болниот живот на ликови кои се длабоко потонати во криминал“, рече Силјановска Давкова.

Таа во говорот додаде и дека само кога секој ќе стрепи од криминал и корупција, тогаш ќе има шанса младите да се вратат назад, а Мекедонија како совршен мозаик да зачекори во просперитетната ера.

„Во очите на луѓето гледам надеж, тоа е страшна одговорност. Понекогаш си велам дали ќе можеме овие големи очекувања да ги исполниме. Како ѕид да имаше пред нас и тешко е да се урне. Ѕид на незнадење, ароганција и бесчувствителност. Можеби си реков –  сум ја крунисала криерата, па време е да читам, да пишувам. Јас сум многу обична жена, која работи низ дома, оди на пазар, сака да чува внука. Тоа ме прави горда, зашто ние имаме извонреден однос кон семејството. Ние мајките многу министерства водиме низ куќата и тоа успешно. Си мислев дека нешто ми вели дека можам да бидам добар пример за сите прекрасни жени. Ако знаењето и умот ги впрегнеме во иднината, и во секогашноста ќе оставиме дел од иднината и таа ќе стане извесна, а не неизвесна како со овие луѓе кои сега се на власт. Затоа се нафатив да зачекорам кон една нова фаза“, рече Давкова.