Сеќавање на првите свадби во Скопје: Невестата во свилен фустан, зетот во костум (фото)

Невести се облекувале во бел свилен фустан.  Зетот се облекувал во костум со бела кошула, дополнето  со нови модни детали. Облеката на младоженците се менувала според новите модни стилови. Паралелно со невестинската капа, почнала да се употребува и бела свилена марама, позната како дувак, дуваче итн. 

Од каде се појавила модата на белиот невестински фустан што се носел не само во градските, туку и во селските средини? Историјата на белиот невестински фустан потекнува од далечното средновековие.

Во првите две децении на 20 век невестата во Скопје носела долг бел фустан кој надолу се ширел и бил украсен на долниот дел.  Носењето на часовник на раката на невестата било новина, но невестите често  на вратот носеле  ѓердани од големи монети, составен дел на народната носија. Невестинскиот превез доживеал трансформација и наместо венец од природни цвеќиња со гранчиња од босилок, невестата носела венец од поголеми и помали бели вештачки цвеќиња, ленти итн.

Од 20 - тите години на 20 век,  настанале промени во должината и во кројот на невестинскиот фустан. Тој бил  долг до под колена, а не како на почетокот на 20 век, до глуждовите. Превезот од тенко свилено платно ја надминувал должината на фустанот. Од  20 - тите на 20 век, превезот се навлекувал на челото и се придржувал со еден вид украс, венче со мониста, бисери и сл. Венчето се ставало на крајот на превезот или малку повисоко од работ, со мал набор што му давал посебна убавина. Во 30-тите години традиционалниот невестински венец се ставал не на челото, како пред тоа,  туку  на средината на главата.  Косата на невестата обично била  долга до плеќи.  Свадбениот букет на невестата бил од бели вештачки цветови. Традицијата младоженците да бидат придружувани со мали невестички и девери била зачувана. Возраста на децата-придружници на младоженците била  неограничена. 

Промената на зетовската градска кошула била се однесувала на  јаката. Таа била тесна, напред лежела на градите, а одзади била високо подигната. Наместо вратоврска, се носела бела пеперутка. На левиот ревер од зетовскиот костум се закачувала китка од бели вештачки цвеќиња, а во малиот цеп се ставало бело шамивче. Промени настанале и во реверите на машкото сако. Тоа било поотворено на градите, кошулата повеќе се гледала, за разлика од почетокот на векот  кога копчето од сакото било речиси до грлото.

Во 30-тите години зетот веќе не носел вратоврска туку шарено шалче во вид на вратоврска. Шареното шалче се врзувало под малата јака на кошулата. За постудено време, младоженецот носел ракавици, шапка и сл.

Честопати, побогатите семејства изнајмувале пајтони за свечено возење на невестата и зетот до црквата, до куќата на зетот или до ресторанот каде што се прославувала свадбата.

За свадбени церемонии пајтоните биле свечено украсувани. Се правел посебен вид украс од шимшир (зеленика) за младоженците да бидат вечно млади и цветови од хартија која се нарекувале “крехпапир” за животот на младите да биде рајска градина со цвеќиња. Порачката за подготовка на  пајтонот за свадба се правела еден ден порано. Пајтонџијата, исто така бил свечено облечен во костум со бела кошула, вратоврска и шапка.