Седумдесетгодишен часовничар од Скопје: Занаетот не носи многу пари, но нема да ве остави без леб

Како и другите занаети во Македонија така и часвничарството измумира. Старите веќе ги нема, а младите не се заинтересирани за изучување на некој занает.

Дедо Драги е од Скопје. Тој во минатото во Старата Скопска чаршија имал своја работлница. Работел тој и имал еден вработен. Постојано имал нови чираци. Деца кои сакале да го учат тој занает. Тој вели дека од дуќанот успеал да го издржува целото семејство, да изгради куќа и да купи стан, да ги школува децата и да има еден нормален живот. Денеска тој е во пензија. Им ги поправа часовниците само на роднините и пријателите, во домашни услови. Дуќанот го затворил многу одмана, вели дека немал муштерии дури и со недели.

-Низ мојот дуќан поминаа многу деца. Многу деца таму ги пуштија своите корени. Потоа истите си отворија свои работилници. Никогаш не ги гледав како конкуренција. Бев среќен, бидејќи од мене научиле нешто. Денеска младите не сакаат да бидат занаетчии.  Сите гледаат да влезат во администрација, да не работат, а да дојдат до поголеми пари. Работа има за сите, само нема кој да работи. Без знаење, без пракса ништо не се постигнува, раскажува дедо Драги.

Овој занает им бил фамилијарен и како што вели порано не можеше секој да почне. Занаетот не носи многу пари, но нема да ве остави без леб, вели тој.

-Јас почнав како чирак во дуќан на мој сосед. Нашата работа е специфична. Таа е тешка додека да се научи. Потребна е голема педантност, прецизност, бистар ум, добар вид – додава тој.

Дедо Драги смета дека државата треба да ги мотивира младите да се занимаваат со изучување на занаети, бидејќи во денешно време продавници за часовници има многу, но мајстори за часовници има сосема малку.