Се уште доцни испораката на огревно дрво

Испораката на огревно дрво за граѓаните во Македонија преку ЈП „Македонски шуми“ е при крај и за една до две недели ќе се доиспорачаат последните околу 6 000 метри кубни. Имаше проблеми што сега се надминуваат, изјави директорот на ЈП „Македонски шуми“ Зоран Георгиев.

–Вкупната испорака на огревното дрво во државава е при крај, односно, за испорака имаме уште неполни два процента. Што значи, испорачани се 300 000 метри кубни огревно дрво, а остануваат уште околу 6 000 метри кубни за испорака. Има мал недостиг во Прилеп и во Битола, но ги преземаме сите мерки за испораката да заврши за една до две недели. Дрвата се носат од Демир Хисар и од Ресен и бидејќи временските услови се добри, се надевам дека брзо ќе завршиме, изјави Георгиев.

За доцнењето, Георгиев ги посочува проблемите во тендерите за јавни набавки и во неповолните услови за што смета дека со почетокот на идната година ќе ги нема.

-Имаше повеќе проблеми што ја спречија испораката на огревното дрво. Едниот од нив се задоцнените тендери. Вториот проблем е поврзан со невремето во почетокот на летото и не можевме навреме да влеземе в планина за сеча. За наредната година, се надевам, дека нема да има проблем со јавните набавки. Ги почнуваме во јануари 2019 година и да завршат до средината на март наредната година и во април да почне сечата и испораката, во зависност од временските услови, рече Георгиев.