Се повеќе лица алергични на полен - и младо и старо кива, во полн ек поленските алергии

Сите со нетрпение ја чекаат пролетта, но таа не само што донесе потопло време, ги донесе и пролетните алергии. Во Македонија речиси и нема место каде што граѓаните не се изложени на поленска алергија.

Експертските анализи покажале дека полените најбрзо се шират во градовите со развиена индустрија со недоволен проток на воздух.

Статистиката пак потврдува дека секој трети или четврти Македонец боледува од некоја вид алергија. Се работи за модерно заболување од кое имаат проблеми и бебиња и највозрасни лица, но најголемиот процент речиси над 60% од заболените се млади лица.

Деновиве многу деца алергични на полен ја наполнија болницата во Козле. Како што велат медицинските лица од овој Институт секој втор пациент кој завршил во оваа установа имал алергиска реакција.

Според надлежните аерозагадувањето и поленот го прават своето и затоа се повеќе дечиња имаат проблеми.

-Ако навреме не биде дијагностицирана, алергијата може да предизвика сериозни компликации по здравјето – посочуваат тие и дополнуваат дека карактеристично е што во последните две децении, тројно е зголемен бројот на деца со алергиски ринитис.

Доколку алергијата е откриена навреме, според педијатрите многу е поголем ефектот од дејството на терапијата. Но од друга страна, сличноста со настинките ги збунува и родителите и матичните лекари.

Како што објаснуваат доколку една година се лекува болно грло, се пие антибиотици а ефект нема, значи станува збор за алергија и неоходно е да се посети Иститутот каде на стручен начин ќе се направат соодветни алерголошки тестови.

Некои од медицинските лица препорачуваат редовна имунотерапија во форма на вакцинација, бидејќи таа може драстично да ги намали раекциите на одредени алергени. Алерголозите предупредуваат дека највисоки нивоа на полен има во периодот од 10 до 16 часот особено кога се ветровити, топли и суви деновите.

Токму затоа граѓаните подложни на алергиски реакции, се препорачува да одат на прошетки, но доцна попладне и тоа во оние денови кои следат веднаш по обилни врнежи. Исто така нивото на полен во воздухот, зависат од температурата, влажноста во воздухот и од дождовите, а најниско ниво на полен се забележува во облачните и студени денови.