Релација Ново Лисиче-Ѓорче Петров: Почна да вози „5“ на гас

Новиот Мерцедес Бенз, линија „5“ од вчера почна да сообраќа низ скопските улици. Автобусот на гас од Ново Лисиче до Ѓорче Петров ќе сообраќа два месеца и тоа практично ќе биде пробен период за да градските власти ги увидат ефектите од користење ваков тип на автобус.

Станува збор за енергетски ефикасен автобус, наменет исклучиво за јавен превоз, со намалена потрошувачка на гас. Споредено со потрошувачката на старите дизел - автобуси, овој автобус троши речиси 50 отсто помалку гориво, што дополнително би ги намалувало трошоците на ЈСП. Најголемата предност на овој автобус е тоа што емитува значително помалку ЦО2 и речиси воопшто не го загадуваат воздухот.

Новиот пробен автобус „мерцедес бенз цитаро ЦНГ“ испушта помалку издувни гасови од Еуро 6 моторите и со тоа загадувањето е сведено на минимум. Овој автобусот има систем за автоматско „клекнување” на возилото на автобуски постојки, сензори за светло и за дожд, приклучоци за полнење мобилни телефони, како и видеокамери за да се следи делот кај возачот и делот за евиденција на билетите.

За еден ден возење низ Скопје, електричниот автобус ќе прави трошок за електрична енергија од 21 евро, што е многу помалку отколку трошоците за дизел-гориво на двокатните автобуси, кои се околу 120 евра на ден. Во случај Град Скопје да се одлучи за ваков тип автобуси, ќе треба да обезбеди десетици локации со полначи за автобусите.