Доктор Лулзиме Бајрами од Центарот за јавно здравје потврди дека од почеток на годинава само во Скопје се регистрирани 312 случаи на голема кашлица
Портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ во изјава за МИА рече дека се следи состојбата со голема кашлица и во Куманово, каде има зголемување на бројот случаи.
„Во врска со пертусисот, се забележува зголемување на бројот случаи во Куманово. Комисијата за заразни болести ја следи состојбата и доколку има потреба од дополнителни мерки, истите ќе ги препорача“, нагласи Мехмедовиќ.
Тој кажа оти нема зголемување на бројот случаи регистрирани со грип или болест што наликува на грипот.
„Се работи за вообичаена фреквенција на новодетектирани, заболени во овој период од годината. Тоа не е нешто што треба да не загрижува“, додаде Мехмедовиќ.
Центарот за јавно здравје Куманово вчера прогласи епидемија на пертусис на ниво на ова подрачје.