Разговор со писателката Сања Михајловиќ-Костадиновска во Градската библиотека во Скопје

Во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје вечерва, во 19 часот, ќе се одржи разговор со Сања Михајловиќ-Костадиновска, авторка на „(Бес)конечни модели на расказот“ – книга за месец мај. Разговорот  во е дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“.

„(Бес)конечни модели на расказот“, издание на Бегемот, содржи 80-ина куси раскази поделени во неколку циклуси и тоа: почетнички раскази, иритирачки, деликатесни, ситни, патувачки, вселенски.

- Ефектни, енергични и динамични, минијатурите на Михајловиќ-Костадиновска се одликуваат со една згусната форма, нагласена сликовитост и висок степен на култура на изразот. Истите нудат мошне впечатливи, интересни и возбудливи коментари за видовите нарација кои, несомнено, ќе ја разиграат читателската фантазија и ќе понудат неповторливо читателско искуство. Авторката вешто си поигрува со поривот за раскажување/нарација на еден мошне инвентивен и оригинален начин, вели Лидија Капушевска-Дракулевска. 

Разговорот ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од делото ќе чита актерот Андреј Серафимовски.

Кампањата „Читаме современи македонски автори“ започна во септември 2022 година како заложба на Градската библиотека да ги доближи македонските писатели до своите читатели.