Престанете да го чекате магичниот момент кој ќе направи пресврт во вашиот живот

Повеќето од нас постојано го чекаат оној магичен момент, за кој некако веруваме дека ќе направи пресврт во нашите животи и целосно ќе го промени. Некои мислат дека патување во некоја земја ќе го направи тоа или некој голем животен настан ќе направи да се просветлиме и магично ќе ни се промени целиот живот. Некои можеби ја чекаат љубовта на нивниот живот. И јас бев таква порано, постојано чекав нешто да се случи или некој да се појави. Но, кога би можела да ѝ дадам совет на младата јас, би ѝ рекла да престане да чека. 

Престанете да чекате да се случи некаков магичен момент кој целосно ќе го промени вашиот живот. Престанете да го чекате патувањето кое ќе ги реши сите ваши проблеми. Знаете што? Без оглед на тоа што мислите, може да отидете на тоа патување и кога ќе се вратите, сè да биде по старо. Престанете да чекате некој да ве спаси и да очекувате дека тие ќе ви го променат животот и ќе ви го дадат она што ви е потребно. Ве молам, престанете да го чекате тоа. Ако имате замисла за живот кој сакате да го живеете, тогаш станете и создадете го тој живот. Почнете уште денес и работете на тоа да создадете живот за кој секогаш сте мечтаеле. 

Престанете да чекате нешто да се случи за да почнете да се борите за животот од соништата. Направете план, почнете да правите работи и работете напорно за да го добиете тој живот наместо да чекате да се случи чудо кое ќе ви го даде она што го сакате. Знам дека сите пораснавме со приказни за моментите кои им се случувале на луѓето, моменти кои им го промениле животот. И да, иако не можеме да негираме дека има моменти кои дефинитивно имаат моќ да ги мотивираат луѓето, да предизвикаат искра во нас или да направат да сфатиме нешто, тоа не значи дека треба да ги ставиме соништата и животот во чекална додека не се појават тие моменти. Што ако не се појави таков момент? Само ќе седиме така со скрстени раце? 

Излезете од вашата школка и почнете самите да ги остварувате и создавате работите. Не си го губете времето во чекање. Само борете се за она што го сакате и најдете начин како да го добиете. Не се надевајте, не чекајте магични моменти. Самите создадете ја својата среќа. Самите создадете магија и чуда. Си го должите тоа на себеси. Не ви треба нешто да се случи за некој да влезе во вашиот живот. Она што ви треба за супер живот веќе постои во вас, но вие сте премногу зафатени чекајќи и гледајќи во други работи, што не можете јасно да согледате дека вие ја имате моќта да направите прекрасни работи да ви се случат и да ви го променат животот.